„Мрежата на Мамли“ е нов роман на Блаже Миневски во издание на „Матица македонска“, која го најавува како негово најамбициозно дело.

– Познатиот писател ги отсликува судбинските мигови и премрежиња што се одигруваат на тлото на македонската земја. Ова е роман за мрежата во која се фатени предавниците и патриотите, платениците и полтроните, кодошите и тапкарошите… – наведува издавачката куќа.

Во поговорот на книгата Венко Андоновски пишува дека Миневски со „Мрежата на Мамли“ на македонската книжевност ѝ подарува уште еден бесценет наратив:

„Блаже Миневски со Мрежата на Мамли на македонската книжевност ѝ подарува уште еден бесценет наратив: станува збор за роман кој, како и романите на негови славни претходници, какви што се Петре М. Андреевски или Митко Маџунков, влијае врз иднината на македонската литература во генолошка смисла, а посебно врз иднината на романот како жанр. Сакам да кажам, Мрежата на Мамли толку многу се разликува од романите на Андреевски и Маџунков, што речиси и нема допирни структурни точки со нив, освен што има иста книжевна функција: пресвртничка улога во сегашниот момент на развојот на македонскиот роман. Овој роман, исто така, многу се разликува од сето она што Миневски до сега го напиша, така што може да се каже дека Мрежата на Мамли е двоен крик: и на содржински план (она за што говори), но и на формаен план – како го говори тоа што го говори…“, пишува Андоновски.

Роамнот всушност преставува слика за случувањата во Македонија од последните години на разнебитување на државата, прикажани на симболичен и комичен начин. Како што рекол еден енгов пријател, ова е роман кој служи за читање пред други на глас.