Што велат извештаите за земјата во која дојде животот две и пол години потоа? Велат дека економијата е нула. Велат дека реживот е хибриден, не е либерален, значи нема демократија. Далеку сме од владеење на правото, не се справуваме со корупцијата и криминалот. Непотизмот цвета, а нема стручна јавна администрација, порача од Битола, кандидатот за претседател на Република Македонија, Гордана Силјановска Давкова на вечерашниот митинг во рамките на предизборната кампања.
Таа праша како ќе добиеме почеток за преговори кога ЕК предупредува дека ќе ги казнува членките кои не ја почитуваат правната држава и во кои не владее правото.
Името го сменивме, а грчкиот лидер на опозицијата се заканува дека ќе не блокира на патот кон ЕУ. Од друга страна, еврокомесарот Хан дипломатски порача дека ќе добиеме само препорака за подготвителна фаза, порача Силјановска.
Таа ја искоментира и посетата на грчкиот премиер Алексис Ципрас кој што пред неколку дена беше во Македонија и каде што беше пречекан без интонирање на македонската химна, истакнувајќи дека химната на Македонија е всушност македонската историја и се она за што се бореле нашите предци.
-Химната е државата. Државата е химната, химната е македонската историја, химната повикува на македонските правдини и судбина ни било да се бориме за неа, вели Силјановска Давкова.
Таа ги искоментира и пресудите за настаните од 27-ми април додавајќи дека во Македонија има селективна правда и дека со таква правда не се стигнува до Европската унија и до НАТО.
-Тие со нивниот закон за амнестија, ги амнестираа оние кои имаа ист обвиненија како луѓето кои останаа во затворот. Не само што ги ослободија од притвор, замислете за да можат да гласаат туку целосно ги ослободија, а потоа и ги наградија. Тоа ли е право и правда. Не, тие така мислат, но јас мислам дека до било која цел па и до ЕУ и до НАТО не се стигнува со кршење на правото, рече таа.
Силјановска Давкова кажа дека доколку биде избрана за претседателка на Република Македонија ќе побара укинување на привилегиите на претседателот, односно како што рече таа не е добро да се биде привилегиран кога народот се бори за опстанок.
Таа потсети на изјавите на Заев дека доколку Стево Пендаровски ги изгубат претседателските избори ќе распише предвремени парламентарни избори.
-Доколку ги изгубат претседателските избори, се надевам дека ќе собере сила и храброст еднаш за да можеме ние да кажеме дека е овој пат го одржа зборот и реши да се одважи и да распише предвремени парламентарни избори и дека тогаш на претседателската успешна приказна ќе се надоврзе и една нова влада, на нова програма, на научени лекции, на нови европски чекори кои ќе значат почитување на владеењето на правото, борба со корупцијата и криминалот, развој во економијата, објасни Силјановска Давкова.
Силјановска Давкова уште еднаш потсети дека меѓународните договори во името на државата ги склучува претседателот на републиката, а владата само тогаш кога тоа е утврдено во законот за склучување, ратификација и спроведување на меѓународните договори.
Силјановска Давкова повика на масовна поддршка на претседателските избори ветувајќи дека ќе ја врати правдата во Република Македонија.
-Јас сум за правда за правдини, за поинакво владеење , за добро управување. Јас сум за Европска Македонија, заврши Силјановска Давкова.