Прашање на политиката на американската администрација, а не лично прашање е поддршката на САД за грчката влада во напорите да се најде решение за спорот со името.
Ова е одговорот на Американската амбасада во Атина до грчкиот весник со седиште во Њујорк, „Етникос Кирикс“ за објавената колумна во која се упатуваат остри критики до амбасадорот на САД во Грција, Џефри Пајат околу ставовите во врска со патувањето на Ципрас во Скопје, јави МИА од Атина.
Вилијам Мурад, дипломатот задолжен за медиуми од Амбасадата на САД во Грција, вели дека несомнено го почитуваат правото на слободно изразување, но треба да го почитува кодексот на новинарска етика и почитувањето на фактите.
-Апсурдно е „Етникос Кирикс“, па дури и во колумна, да ја прикажува поддршката во обидот на грчката Влада да ја реши разликата како лично прашање. Не е такво нешто. Тоа е прашање на политиката на американската влада, пишува, Мурад во писмото до весникот и паралелно ги споменува јавно изнесените ставови на американскиот претседател, на потпретседателот и на заменик државниот секретар во однос на Договорот од Преспа.
Реакцијата доаѓа откако издавачот и директор на весникот, Андонис Диаматарис, во неговата колумна под наслов „Време е за преместување на американскиот амбасадор“, пишува дека американскиот амбасадор во Атина, „се меша во внатрешната политика на земјата“ и „за да го поддржи грчкиот премиер, пред силните несогласувања поради неговата посета на Скопје, го крсти успешно неговото патување“.
Диаматарис во колумната ја пренесува изјавата на Џефри Пајат дека патувањето на Алексис Ципрас во Скопје „е надеж кон цела Европа за зајакнување на односите меѓу нејзините народи“.
-Во кое својство го кажува ова? На политички аналитичар или заштитник на господинот Ципрас? Толку големи услуги му направи господинот Ципрас што се изложува тој самиот и администрацијата што ја претставува? Толку големи услуги, што поставува „динамити“ на темелите на грчко- американските односи? Можеби дојде време за негово преместување, пред да направи уште поголема штета во односите на двата народи?, пишува издавачот и директор на весникот.