Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски денеска имаше средба со жителите на Македонска Каменица. Тој пред нив истакна дека е многу важно за која политика ќе се одлучи народот, дали за политика која води напред, или за политика која не враќа во темното минато, како и дека е убеден оти граѓаните сакаат напред.
– За десет години од режимот на претходната власт се иселија многу млади. Тие се грижеа само за нивните партиски членови и за фамилијата. За нас сите граѓани се еднакви. Нашата цел е да ја донесеме Европа тука, а не младите да ни бегаат во Европа. Јас нудам иднина за младите, напредок, просперитет, членство во ЕУ и НАТО, рече Пендаровски.
Со добивањето на датум за почеток на преговорите, веднаш се отвораат широки перспективи, се отвораат, рече Пендаровски, фондови за развој на младите, за земјоделството и инфраструктурата.
Тој побара поддршка на изборите на 21 април и на 5 мај за да се продолжи со развојот и да се обезбеди иднината. Вети дека тој како претседател нема да дозволи селективна правда. Законот ќе важи за сите, а тој ќе биде претседателот на сите граѓани.