Лажна вест е дека министерката за правда Рената Дескоска со службено возило беше на денешниот централен миитнг на Пендаровски како што објавија дел од медиумите, реагира Министерството за правда.
-Денеска во дел од медиумите беше пренесена лажна вест дека министерката за правда проф. д-р Рената Дескоска го користи службеното возило за да оди на собирот за поддршка на претседателскиот кандидат Стево Пендаровски. Ваквите објавени содржини се манипулативни и невистинити, најостро ги демантираме и бараме најпрво повлекување на ваквата вест, а потоа и јавно извинување од страна на оние кои ја споделија без да направат проверка на фактите, се наведува во соопштението од Министерството за правда.
Оттаму посочуваат дека службените возила на министрите, како од претходната влада, така и на оваа, се „Фолксваген пасат“, а не како што лажно се тврди со објавената слика во која министерката влегува во возило „Мерцедес”, кое е во приватна сопственост.
– Во оваа прилика сакаме да потенцираме дека лесно може да се провери сопственоста на возилото, дека не е дел од возниот парк на Министерството за правда, ниту пак Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), ниту пак на било која друга јавна институција. На денешниот митинг, министерката отиде со приватно возило на нејзин сопартиец кој одеше на истиот митинг. Единствениот кој досега се возеше во она на „М” купено со државни средства, е бегалецот од правдата, Никола Груевски, стои во соопштението од Министерството за правда.
И ВМРО-ДПМНЕ попладнево во соопштение до медиумите обвини дека Дескоска за митингот на Пендаровски го искористила службеното возило и побара нејзина, како што наведе, итна оставка поради државни ресурси во политички цели.