Американскиот сенатот Боб Менендез на средба со грчкиот премиер Алексис Ципрас ја истакна важноста на Договорот од Преспа за стабилноста и развојот на Југоисточна Европа, јави дописничката на МИА од Атина.

Како што соопштуваат од кабинетот на премиерот на Грција, на средбата станало збор и за Договорот од Преспа, за кој Менендез му честитал на Ципрас.

-Господинот Менденез ја истакна важноста на соработката како во рамките на НАТО, така и билатерално. Исто така потенцираше дека нашата земја е столб на стабилност и безбедност во регионот. Во овој контекст, ја истакна важноста на Договорот од Преспа за стабилноста и развојот на Југоисточна Европа и му честиташе на премиерот за постигнувањето на договорот, соопштуваат од кабинетот на Ципрас.

Грчкиот премиер и американскиот сенатор, кој е шеф на демократите во Комисијата за надворешни работи на сенатот на САД, на средбата разговарале и за билатералните односи, за стратешката соработка меѓу двете земји, за иницијативата на Менендез за безбедноста во Источниот Медитеран, како и за енергетиката.

За време на посетата на Атина, американскиот сенатор оствари средби и со претседателот на Грција, Прокопис Павлопулос, со шефот на грчката дипломатија, Јоргос Катругалос, со министерот за одбрана на Грција, Евангелос Апостолакис и со лидерот на Нова демократија, Кирјакос Мицотакис.