Игор Дурловски посака опозициските редови да се обединат. Тој вели дека е убеден оти кандидатката за претседател професорката Силјановска- Давкова е личност со интегритет , знаење, искуство, истрајност, смиреност и верувам дека со сигурност ќе ја подобри состојбата а борбата за Македонија ќе биде во предност а не во загуба.

Еве го во целост неговото мислење искажано  на Фејсбук:

„Што можев, што сторив, што треба да сторам?
Драги пријатели, знаете каде бев дента кога ни го променија ИМЕТО? Дома, пред телевизор. Гледав директен пренос.
Што можев да сторам? Многу! Можев со лична саможртва, симболичен акт на отпор, додека ме држи свест да пробам…можев да излезам ,,пред тенковите”, да се ,,качам на споменикот и самозапалам”, можев да… што сторив?
НИШТО.
Затоа што разумот го бираше патот кој нема да ја загрози мојата слобода( процесот за настаните од 27ми април беше во тек) , моето семејство, моето/нашето здравје… свесен дека со тоа нема ништо да променам, но човек сум и човечки е во таква состојба да го користиш разумот.
Што можевте, што сторивте, што требаше да сторите Вие? Можевте да не ја прекинете борбата додека ве држи и последниот атом сила. Можевте по цена на вашата безбедност да останете на улиците во огромен број но разумот ви кажа дека е надвор од секоја прифатлива логика да се продолжи на ист начин, со ист метод. Го послушавте.
Почитувани пријатели, Вашата искрена поддршка во времето кога јас минував низ своето најголемо искушение ме направи посилен и на крај успеав да се исправам пред големата неправда. Ми ја вративте Вербата и горд сум што сме Македонци заедно. Ми влевавте надеж кога ја губев истата. Сега, редот е јас да Ви опишам што чувствувам јас.
Чувствувам и верувам дека борбата за Македонија треба да се префрли на друго ниво, надвор од сите хиерархии кои се ранливи сами по себе, далеку од сите познати методи и идеи, бидејќи е ПОГОЛЕМА. Само со секојдневна борба на секое поле, до најситен детаљ, за секој Македонец; ,,борба за совршенство”, борба за иднина. Мораме да се подобриме самите, мораме да ги натераме најблиските да се подобрат, мораме да ги ставиме најпаметните, најучените, најиздржливите…да не водат. И таа борба да се води секаде околу нас. И дотука знам дека ќе се сложиме.
Со еден дел, навидум ни се разединуваат патиштата околу начинот на делување а сакам што поскоро да се најдеме пред целта.
Убеден сум дека кандидатот професорката Силјановска- Давкова е личност со интегритет , знаење, искуство, истрајност, смиреност и верувам дека со сигурност ќе ја подобри состојбата а борбата за Македонија ќе биде во предност а не во загуба.
Ве повикувам освен разум, да најдеме и верба. Денешната саможртва можеби подразбира нијансирање на нашите ставови. Моето чувство ми вели дека нашата борба ќе ја добиеме на крајот. Мојот разум ми кажува дека истата ќе ја добиеме ОБЕДИНЕТИ“.