Токму тој е правецот во кој се движиме откако Заев е на чело на Владата во Република Македонија.
Слоганот „Заедно напред“ кој си го тераат за претседателската кампња не може да го опише ни нивното одење во маалскиот гранап, а не пак движењето и развојот на државата со која што владеат, освен ако одење напред не се смета променетото име и идентитет. Реално навистина предничиме во светот со ваквата епохална глупост со која самите се реименувавме и се себепоништивме во знак на добра волја, притоа мислејќи дека само тоа ќе биде доволно да седиме на иста маса со Макрон и Меркел.

Просто да се чуди човек како во Европа не ни пројде муртинската простодушност и како можеа на ваков начин да го изиграат зајченцето наше миличко сивичко. Па како не можеа да ја сфатат пожртвуваноста на премиерот кон реформирањето еве на судството на пример, па човекот ем што договараше ново име, тераше и тера фамилијарни бизниси, одговара на 728 смс пораки на ден, на сето тоа се нафати уште да го води и Советот за реформи во судството?! Ваков пример на саможртвта не е виден и не е запаметен од ни еден Премиер во Европската Унија, и навистина е запрепастувачки кога на толкава посветеност добиваш ладен туш дека не си се реформирал доволно.
Исто така не е фер што не ни ја сфатија сериозно и реформата „Метла”, џабе ли синот на Мира Дизел си даде отказ од ЕЛЕМ, а Петре цел Велигден место да вапса јајца ја фарбаше оградата кај Континентал?

Особено ме интересира како Стево Пендаровски во завршницата на кампањата на неговата животна трка ќе ги продава флоскулите дека одиме напред, кога Меркел и Макрон ја дигнаа рачната за отпочнување преговори и проширување за Западен Балкан. Која формулација ќе ја употреби за да каже дека нема да добиеме датум за преговори во јуни, а извесно ни во октомври. Многу веројатно Груевски ќе биде крив и секако опозоицијата која не расчистила со криминалното минато. Впрочем на тоа му се темели и вториот дел на кампањата – залепи го Груевски на Сиљановска ако сакаш сигурна победа. Она шо не приметил е дека и таа фора веќе им фатила пајажина, па ако веќе чистат нека ја подзачистат и неа и нека се обидат со нешто ново.

Да сумирам, во две недели најнадежната Влада предводена од нобеловецот и миротворец Заев доби шамар од народот во првиот круг на претседателските избори и ладен туш од Европската Унија.
Можеш ѓубрето да го пикаш под дебел тепих и да прикажуваш розов свет, но ѓубрето кога тогаш ќе излезе на површина, од проста причина што веќе не го збира под тепихот. И тогаш маркетиншките фори на Роберт Поповски со метлите не ти проаѓаат, затоа што немаш веќе кого да прелажеш, прочитан си и од народот и од довчерашните најдобри меѓународни пријатели.

Просто е, без реформи и без владеење на право нема ЕУ, без макотрпна работа нема преговори. Сега веќе е доцна, сите метли во владата не можат да го изметат наталоженото ѓубре од две години макар и Рашко да диригира со метењето како најискусен во секторот метларство. Затоа останува на народот да ја заврши отпочнатата генералка, најпрвин во недела, а потоа на предвремени парламентарни избори.

Мартина Антиќ