На Хаваите се очекува нова ерупција на вулканот Килауеа, кој е активен од почетокот на месецов, но сега, иако веќе уништи десетици куќи и ги принуди локалните жители да се евакуираат, претставува уште поголема закана.

– Им порачуваме на луѓето да се подготват за најлошото. Треба да имаат план А, план Б и план Ц, изјави еден од државните функционери Роан Окомура, кој помага во едно од засолништата за евакуирани.

Претставници на цивилната одбрана во земјата ги повикаа жителите во близина на вулканот да бидат внимателни и подготвени на евакуација за кратко време.

Како што се повлекува лавата во вулканот, таа се разлева под земјата, поради што научниците предупредуваат дека може да избие на површина и на сите им се заканува опасност од појава во воздухот на огромно количество отровни материи кои можат да предизвикаат гушење и труење на луѓето.

– Најлошо што може да се случи е врела, свежа лава да избие на површина, а големи се шансите за тоа. Во момент кога нов бран на потопла и поотровна лава ќе избие на површина, тогаш се случуваат повисоки и поголеми стапки на ерупција, изјави главниот научник од Опсерваторијата за вулкани на Хаваите, Тина Нил.

Килауеа, кој повеќе од една недела исфрла лава, поради што се евакуирани околу 2.000 жители на Големиот остров, според стравувањата на научниците би можел во следните денови или недели да почне со километри во височина да исфрла парчиња пепел со величина на ладилник.

– Ако оди во височина, тогаш ќе падне надолу. Никој не сака да се најде под нешто што е тешко 10 тони и пристигнува со брзина од 193 километри на час, тврди Чарлс Мандевил, координатор за опасност од вулкани во американскиот Геолошки институт.

Вулканот од почетокот на своето активирање на 3 мај уништи 36 објекти и досега отвори 15 пукнатини од кои истекува лава.

Гувернерот на Хаваи, Дејвид Иге побара од претседателот на САД Доналд Трамп на тоа подрачје да прогласи состојба на катастрофа поради земјотреси и вулканска ерупција на Големиот остров.

Локалните власти оценуваат дека трошоците за заштита на населението во следните 30 години ќе надминат 2,9 милиони долари, а би можеле да бидат и поголеми доколку биде потребна евакуација од поголеми размери по воздушен и морски пат.