Посетата на првиот човек на Католичката Црква и на Ватиканската држава Папата Франциск, како прва, историска посета на еден Папа на нашата земја, е огромно признание за местото што РС Македонија го зазеде во глобалната заедница на прогресивните земји, рече премиерот Зоран Заев на денешната прес-конференција.
Ватикан, Европа, и целиот свет, потенцира Заев, ги препознаа вредностите, убавината на различните култури, етнички заедници и религии што живеат во општество еднакво за сите.
Светата литургијата со која Папата Франциск ги благослови католичките верници и сите граѓани со добра волја, според премиерот Заев, е израз на почит за заедништвото меѓу народите на нашата земја кое го негуваме.
– Тоа е силен поттик и поддршка за сите нас. Тоа е порака што до светот денеска беше пренесена од стотиците новинарски и телевизиски екипи што на овој историски ден беа во С. Македонија, рече претседателот на Владата.
За Заев, не помалку важно е што денеска, Македонија и нејзините граѓани, освен гордоста за искажаната чест што Папата Франциск ја посети нашата земја, покажаа и дека имаат капацитети да ги направат сите подготовки за да дочека еден од најзначајните светски лидери, духовник и инспирација на милиони верници и граѓани со добра волја.
Нашиот народ, подвлече, ја има волјата и ја следи мисијата на Мајка Тереза и тоа го потврдивме и на овој настан.
– Посетата на Папата Франциск не е резултат на митологии. Неговата посета е израз на созреано време да се оддаде признание за историските врски од раните векови на христијанството кога Папата Адријан Втори ги благословил и осветил богослужбените книги на светите браќа Кирил и Методиј со кои подоцна е извршена христијанизацијата на словенските народи во Европа, изјави Заев.
Тој додаде дека Македонија низ сите векови на создавање на нејзината државност ги пренесе библиските пораки на надеж, утеха и толеранција и во својата современост.