Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија Талат Џафери, на 24 мај ќе ја предводи државната делегација за одбележување на традиционалната манифестација „Македонија во Чест на Св. Кирил“, во Светата столица во Рим.
Џафери ќе биде придружуван од пратениците Јован Митрески, Никола Мицевски, Ејуп Алими, Ирена Стефоска, Крсто Мукоски, генералниот секретар Цветанка Иванова, вицепремиерот Кочо Анѓушев, заменик министерот за култура Владимир Лазовски, државниот секретар во МНР Виктор Димовски и директорот на Комисијата за односи со верски заедници, Даријан Сотировски.
Државната делегација ќе присуствува на аудиенција кај поглаварот на Римокатоличката црква во Ватикан, по што Џафери ќе има средба со папата Франциск и со државниот секретар на Светата столица кардиналот Пјетро Паролин.
Претходно, ќе се одржи молебен во Базиликата Сан Клементе во Рим, каде што делегацијата на Република Северна Македонија ќе положи венец на гробот на Св. Кирил.
Дел од годинашното чествување на сесловенските просветители браќата Св. Кирил и Методиј во Рим, делегацијата на Република Северна Македонија ќе го реализира заедно со Делегацијата на Народна Република Бугарија.
Делегацијата, предводена од Џафери ќе присуствува и на молебенот на Република Бугарија во Базиликата Сан Клементе, а потоа двете делегации ќе присуствуваат на положувањето цвеќе пред плочата на Република Северна Македонија во чест на Св. Кирил во Базиликата Санта Марија Маџоре.
Во вечерните часови, делегациите на Република Македонија и на Република Бугарија ќе организираат заедничка културна програма, на која свој настап ќе имаат македонските уметници, Весна Гиновска Илкова и Дино Имери.