Од 7 јуни па натаму би можело да се одржи првата наредна седница на Собранието на која би се гласало за одземање на мандатот на поранешниот премиер и пратеник Никола Груевски, а доколку стаса предлог од премиерот и да се изберат нови министри.
Ова го најави денеска собранискиот спикер Талат Џафери на средба со новинарите. Од формален аспект нема пречки двете точки да бидат ставени на иста седница.
Следната недела пратениците имаат дополнителни обврски, а од 15 до 20 јуни парламентарна делегација ќе биде во посета на Кина, додека на 25 јуни Џафери ќе присуствува на ратификација на протоколот за НАТО во Будимпешта.
Од 21 до 23 јуни во Скопје ќе се одржи нов состанок во рамки на Жан Моне процесот, а тема ќе биде измени на Деловникот за работа на Парламентот. За ова прашање утре претставници на пратеничките групи треба да разговараат и да ги надминат разликите до новиот состанок во рамки на Жан Моне.
Џафери оцени дека Извештајот на ЕК за напредокот нотирал дека се што е побарано од нас сме направиле и оти како што кажа Могерини, сега на ред е Европската комисија.
Во однос на Законот за јавното обвинителство, претседателот на Парламентот вели дека партиите се уште разговараат и оти би можело да биде донесен до крајот на јули дури и да биде поднесен во редовна постапка.