Оваа година ќе имаме голема реализација на капиталните инвестиции заради тоа што имаме проекти со избрани изведувачи, со кои разговараме да го зголемат интензитетот на изградба за да можеме да ја забрзаме исплатата, рече премиерот Зоран Заев одговарајќи на денешната седница на која се поставуваа пратенички прашања.
Посочи дека во моментов не е задоволен од реализацијата на капиталните инвестиции и оти парите не ги трошат на споменици, музеи и врби, туку за општините што имаа долгови.
– Околу 50 милиони евра им се дадени на општините за да ги платат долговите на домашните компании и тоа е подобро отколку да ги дадете за споменици и музеи, рече премиерот одговарајќи на прашање од пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Илија Димовски, кој забележа на ниското ниво на реализација на капитални инвестиции.
Премиерот Заев посочи дека капиталните инвестиции во државава ќе растат како што ќе расте и капацитетот на Буџетот и дека за патишта, железници и гасификации предвидени се 87 отсто од сумата, а 13 отсто за градинки, училишта, водовод, канализации…
Пратеникот Димовски на седницата го спомена обраќањето на народниот правобранител, Иџет Мемети во однос на работата на правосудството, на локалната и на извршната власт и зголемениот број жалби во споредба со претходните години.
На ова премиерот Заев одговори дека според народниот правобртанител за 7,6 отсто се намалени повредите на човековите права во државава, што е голема вредност и придобивка.
Премиерот додаде дека со народниот правобранител има често состаноци и дека оваа институција сега со зајакнати капацитети и ќе биде уште побудното око на граѓаните.