Гоце Делчев се декларирал за Бугарин и во исто време се борел за самостојна македонска држава, вели претседателот Стево Пендаровски во интервју за емисијата „360 Степени“ за ТВ Алсат.
Пендаровски вели дека станува збор за два неспорни историски факти и ова го нуди како компромисен пристап кон ликот и делото на револуционерот чие дефинирање донесе тензии на релација Софија-Скопје во изминатите денови и се заканува одново да ги затегне односите меѓу двете земји.
– И еве можеби да излезам надвор од мојот мандат, бидејќи во изминативе неколку недели имав интензивна комуникација со луѓе што се разбираат во таа работа, затоа што јас сум сигурен дека тоа постепено станува политички проблем. Тврдам дека тоа допрва ќе станува политички проблем ако пристапот од бугарска страна продолжи да биде ваков. Значи, неспорна историска вистина е, за сите што имаат малку познавање од тој историски период, дека Гоце Делчев се изјаснувал како Бугарин. Но, дали не е историска вистина, стопроцентна, дека Гоце Делчев се борел за македонска држава? Автономија, независна држава, па дури на крајот оставил аманет неговите коски да почиваат во независна Македонија, вели Пендаровски во интервјуто за Алсат.
Според него, „не постои ниту еден документ што вели дека Гоце Делчев се борел за Голема Бугарија или за Санстефанска Бугарија или изјава во која вели, или став макар, прераскажан од неговите современици, дека Гоце Делечев се борел за припојување на тогашната провинција во Османлиското царство Македонија кон Бугарија“.
– Значи, ако ве интересира, како што велат некои политичари, вистината и само вистината – во ред. Неспорна историска вистина е дека се изјаснувал како Бугарин во тој историски контекст, како што е неспорна историска вистина и факт дека се борел за македонска држава. Еве ви ја формулацијата, потпишете ја и дајте да не создаваме проблем таму каде што не треба да го има. Значи ние не можеме како држава да ја проголтаме тезата дека од 1944 година натаму ние сме се разбудиле едно сабајле и велиме – навистина сме сега Македонци, дајте од тука натаму да разговараме, бидејќи тоа е политички пристап кој нема да не одведе никаде“, изјави Пендаровски.
Пораката на шефот на државата доаѓа во исто време со изјавата на бугарскиот премиер Бојко Борисов, кој прашан да го коментира фактот што одлуката за почеток на пристапни преговори соМакедонија е одложена, вчера во Брисел изјави:
– Тие имаат многу нешта да поправат. Да не ме разберете погрешно, но додека се спори дали Гоце Делчев е Бугарин или Македонец – такви ситни приказни за некои херои кои очигледно биле и за Бугарија и за Македонија, за родниот крај, а нашите најдобри песни се поврзани со нив. И опозицијата постојано да ме прашува што прави комисијата. Нека зреат, рече Борисов.