Според најновите информации Техеран тврди дека иранската Револуционерна гарда на нишан имала американски авион во кој имало 35 луѓе, но се откажале од стрелање врз него.
Наместо тоа беше пукано врз американскиот воен дрон, чие соборување за малку ќе предизвикаше објавување на војна.
Претходно, „Њујорк Тајмс“ објави дека Трамп утрово одобрил воен напад врз Иран во знак на одмазда за соборувањето на беспилотното летало вредно 130 милиони долари, но ја анулирал наредбата додека авионите биле во воздух.
– Трамп нареди напад врз Иран, ги подигна авионите, но се откажа во последен час, објави „Њујорк Тајмс“.
Потоа се огласија претставници на иранските власти, кои тврдат дека Трамп преку Оман ги предупредил дека САД е подготвена за напад.
– Трамп во својата порака рече дека е против војна со Иран и оти сака да разговара со Техеран за различни прашања… даде краток временски период за наш одговор, но непосредниот одговор од Иран беше дека Врховниот лидер (Ајатолахот Али) Хамнеи треба да одлучи за ова прашање. Објаснивме дека лидерот е против какви било разговори, но ја проследивме пораката до него за да донесе одлука… Сепак на претставникот од Оман му кажавме дека каков било напад врз Иран ќе има регионални и меѓународни последици, тврди неименуван ирански претставник.
Но, во меѓувреме портпаролот на иранскиот Врховен национален совет Кејван Косрави изјави дека САД не го предупредиле Техеран дека американскиот претседател Доналд Трамп подготвува напад.