Видеоснимка направена со дрон е објавена од големиот сенароден протест „Никогаш Северна, секогаш Македонија”, што минатата недела го организираше групата Млади за Македонија, пред Собранието на Република Македонија во Скопје, против капитулантскиот договор со Грција. Од снимката, како што соопштија Млади за Македонија, се гледа досега најголемиот непартиски протест за одбрана на името Македонија.
– Беше тешко и жешко да се оддржи протестот, бевме замолчувани, но успеавме. Ние како студенти бевме оставени сами на себе да се бориме против зависта на сите стари квази-патриоти со бели и полу-бели коси, криминалци со условни пресуди, како и политичари од вонпарламентарните партии желни повторно да се вратат во парламентатот преку нови партии. Од завист, многумина направија се за да не саботираат нас студентите, за да не успее нашиот протест и да не замолчат нас студентите, се вели во соопштението на групата.
Но, додаваат тие, ние сме тука за да се бориме за нашата татковина Македонија.
– Ние сме студенти и нашето најголемо оружје е чистината на нашето срце и душа. Ние не се бориме за партии и служби, ние се бориме за иднината на Македонија, ние се бориме за да живееме во Република Македонија, а не Северна. На сите тие кои се обидовте да ни го саботирате протестот, ви порачуваме: Никогаш нема да не сопрете нас студентите. Ние сме тука за да се бориме за нашата иднина и ќе успееме. На сите вас во еден глас ви порачуваме: Никогаш Северна, секогаш Македонија, порачаа Млади за Македонија.