Кина и САД се вратија на „вистинскиот пат“ кон постигнување трговски договор, изјави денеска американскиот претседател Доналд Трамп по состанокот со кинескиот претседател Си Џинпинг во Осака.

Како што пренесуваат светските агенции, Трамп и Си постигнале договор „за нов прекин на огнот“ во трговската војна, која трае една година.

САД и Кина се договорија да ги „рестартираат“ разговорите за трговија, јави кинеската новинска агенција Ксинхуа, по состанокот на двајцата лидери на самитот Г-20 во Осака.

Според Ксинхуа, Вашингтон нема да воведе нови санкции на увоз на кинеска стока.

Трамп изјави дека тој и Си во Осака имале „многу, многу добар состанок“, кој излегол подобар од што се очекувало.

Пред состанокот американскиот претседател рече дека е отворен за трговски договор со Си, кој би бил „монументален“.

– Мислам дека сме многу блиску, рече Трамп.

Самитот Г-20 во Осака е неформален форум на кој присуствуваат шефови на влади или држави од 19 најразвиени земји во светот и Европската унија.