„Кога ќе им го укинеш предметот Историја на децата на возраст на 10-11 години, кога се најчувствителни, кога практично детето почнува да го формира светот и кога буквално се буди неговата свест за сопствено идентитетско осознавање, за сопственото потекло, за припаѓање кон народ, кон држава, тоа значи дека им ја укинуваш нивната иднина како Македонци“ вели професорот по социологија Илија Ацевски во изјава за „Нова Македонија“.

Прашање е дали ова е направено смислено. Случајно сигурно не е, но доколку е случајно, тогаш е уште пострашно, вели Ацески.

Според социологот, несфатливо е некој да се дрзне да ја укине Историјата како предмет, бидејќи таа е клучна за идентитетското осознавање на една личност.

„Нејасно е како едно дете од десет години ќе го оставиме незапознаено со тоа кое е, што е, да биде лоцирано во тој свет на етничко, историско, национално, народно битисување… Не можам да најдам зборови како да го објаснам ваквиот несфатлив чин“ вели Ацевски и стравува дека младите генерации ќе бидат оставени како „табула раза“, да ги обликува кој како што ќе стигне.
„Ние живееме во време на наплив на информации отсекаде, во време на интернет, и кога на овие генерации ќе им ја испумпаш и таа и онака тенка врска со сопствената историја и идентитет, тогаш за што зборуваме повеќе. Искрено, не верувам дека дотаму ќе оди работата“, вели професорот.

Негово мислење е дека децата мора да ја знаат историја на сопствената држава и никој не смее да ги лиши од тоа сознание.