По водителката Лила Филиповска, бизнисмените Силјан Мицевски и Ардијан Амзоски, денеска во Обвинителството за организиран криминал и корупција исказ треба да даде и пратеничка на СДСМ, Фросина Ременски во врска со криминалната афера Рекет.

Ременски не кажа дека е дојдена во Обвинителството како повикано лице и не сакаше да каже дали е осомничена или сведок. Пратеничката и до пред неколку дена потпретседателка на СДСМ најави дека по завршувањето на распитот ќе даде изјава за медиумите.

По обелоденувањето на аферата „Рекет“, Ременски се споменуваше како почесна претседателка на Меѓународен сојуз на Бојан Јовановски – Боки 13.

Мицевски пред Обвинителството изјави дека пари префрлил на сметката на Меѓународниот сојуз, а не на сметка на пензионерката Лилјана Тодоровска. Станува збор за 720 илјади евра кои, како што рече, ќе бара да му бидат вратени.

Водителката Лила Филиповска на излегување од Обвинителството не сакаше да даде изјава за медиумите. На новинарските екипи им испрати бакнеж со зборовите „чао друштво“.

Амзоски на сметката на Меѓународниот сојуз на Боки 13 уплатил околу 260.000 евра за стратешко партнерство и деловна соработка.

Во врска со „Рекет“ осомничени и во притвор се Бојан Јовановски – Боки 13, Зоран Милевски – Кичеец и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.