Претседателот на ДУИ Али Ахмети во интервју за „Косовапрес“ изјави дека на изборите кои ќе се одржат на 12 април, ДУИ ќе оди сама, и дека очекува зголемување на поддршката за неговата партија. Според Ахмети малите партии треба да се обединат за да не се губат албанските гласови.

Лидерот на ДУИ додава дека мандатот на идната влада нема да биде лесен. Според него треба да се зголеми квалитетот во образованието, здравството и судството. Ахмети вели дека во Македонија можеби постои неправда во некој судски процес, но дека нема дискирминација врз Албанците.

„Народ кој има национално знаме, има три универзитети на својот јазик, два државни и еден приватен, не може да се рече дека е дискирминиран. За еден народ кој темелите на градење на државата ги има на просторите каде што живее, јазик, знаме, универзитети, државна администрација, полиција, војска. Има уште работи кои треба да се поправат, уште не се затворени сите прашања, на пример за правичната застапеност, практичната употреба на јазикот и други. Денеска тргнуваме со првите чекори, но треба да видиме колку сме подготвени сите овие работи што сме ги добиле со многу труд да ги применуваме“, истакна Ахмети.

Ахмети вели дека треба една систематска работа за да се остранат предрасудите дека Албанците сакаат да доминираат со цела Македонија. Во однос за односите со СДСМ, Ахмети изјавил дека соработката со оваа партија ќе продолжи до 12 април, иако постојат неколку разлики.