Јас не сум во кампусот на песимистите и сметам дека до крајот на месецот ќе се најде решение за спорот со Бугарија и ќе има епилог во прилог на мирот, стабилноста и иднината, истакна синоќа на прес-конференција претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ) Али Ахмети.

– Сега овој процес го олеснува претседателот Макрон. Јас верувам многу во иднината и затоа и верувам во решение на крај на јуни, затоа што има значајна ангажираност на нашите пријатели и сојузници и затоа верувам во нивната определба и олеснувањето кое што претседателот Макрон го презема врз себе за Балканот да биде посигурен, побезбеден, помирен, бидејќи доволно е да оставиме вакум или отворени и нерешливи теми или пак да ги одолговлекуваме проблемите за да имаме секакви искри тука, рече Ахмети, одговарајќи на новинарско прашање по објавата на резултатите од изборите во партиските ограноци.

Ахмети потенцира дека тие се за решавање на проблемите и смета дека и за Бугарија е добро да се најде решение.

– Цел на нашето делување како политичка партија, но и секојдневното комуницирање што го имаме со нашите коалициски партнери и со опозициските партнери, велиме дека сега е моментот и сега треба да најдеме решение и треба да демонстрираме храброст,  но за добро и на нашата држава но и на Бугарија е ова прашање и овој елипог да биде позитивен, рече тој.

Демократската унија за интеграција вчера организираше партиски избори во 10 партиски ограноци за претседатели и членови на претседателството на ограноците, како и за претседатели и членови на локалните совети.

Претседателот да ДУИ Али Ахмети на прес-конференција од партиското седиште во Тетово информираше дека се избрани претседатели и членови на локалните совети во ограноците на Брвеница, Боговиње, Чашка, Долнени, Гостивар, Студеничани, Теарце, Тетово, Врапчиште и Желино. На изборите биле пријавени 10.423 членови во 10 ограноци на ДУИ, од кои гласале 75 отсто.

– Овој ден е многу важен за ДУИ. Следните две децении ДУИ ги започнавме со водење на целосно демократски процес со непосредни избори и овој процес нема да застане тука, туку ќе продолжи и во другите ограноци, правејќи ја ДУИ и нејзините граѓани уште посилни и подемократски, поодговорни со единствена цел за да бидеме на граѓаните, за граѓаните и со граѓаните, рече Ахмети.

Во огранокот во Боговиње за претседател е избран Бесник Емшиу, во Брвеница – Еркин Јахи, Чашка – Нафи Дурмиши, Долнени – Џемил Ќамили, Гостивар- валдет Џафери, Студеничани – Ејуп Абази, Теарце Нухи Незири, Тетово – Фатон Ахмети, Врапчиште – Неби Реџепи и во Желино е избран Емир Сулејмани.