Политичките случувања во земјата, претседателските и парламентарните избори, владеењето на правото и евроинтеграциите, биле темите на кои разговарале на денешната средба претседателот на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Али Ахмети и шефот на Делегацијата на Европската Унија во нашата земја, Дејвид Гир.

Како што соопштија од ДУИ, Ахмети го информирал амбасадорот Гир за цврстата проевропска позиција на Демократската унија за интеграција и за продолжување на конкретизирањето на иницијативата за заеднички фронт што ќе го трасира безбедниот пат на земјата кон европскиот хоризонт.

– Двајцата соговорници го истакнаа големото значење на демократското одвивање на претседателските и парламентарните избори за европската иднина на земјата, се наведува во соопштението.

Ахмети нагласил дека во фокусот на владината коалиција отсекогаш биле уставните измени и зајакнувањето на механизмите за владеење на правото и дека тие несомнено остануваат неоспорен приоритет на земјата на патот кон Европската унија.

– Демократската унија за интеграција ќе продолжи со сиот свој потенцијал да инсистира на усвојување на уставните измени и продолжување на реформирањето на земјата во европски дух, се вели во соопштението од ДУИ.

Фото: ДУИ