Лидерот на владејачката ДУИ, Али Ахмети, коментирајќи го вчерашнато писмо потпишано од високи сегашни и поранешни функционери во кое се искажува незадоволство од Артан Груби, рече дека партијата има воспоставено стабилни структури со силна база, кои можат да функционираат дури и без Али Ахмети.
– Реков дека ДУИ има поставено стабилни структури кои можат да функционираат без Али Ахмети, без Блерим Беџети, без Муса Џафери, без Изет Меџити, ова е национална инвестиција и оваа национална инвестиција има силна основа и силна поддршка“, коментираАхмети.
Според него, ова не е нешто ново и внатрепартиските превирања ги оцени како вредности на демократијата на кои и тој инсистирал веќе 20 години.
– Не е местото каде што треба да влезам и да ги елаборирам моите спомени од 20-годишното владеење со ДУИ, бидејќи имало моменти на незадоволство и секогаш имало дебати и, пред сè, тоа е вредност на која јас инсистирав 20 години по ред, работите да се кажуваат отворено, јавноста да знае отворено за позициите на спротивставените мислења, вели Ахмети.
Вчера, истакнати членови на ДУИ, меѓу кои и двајца пратеници, заменик-министер и двајца градоначалници, преку јавно писмо побараа од лидерот Ахмети да го врати партиското единство и да ја заврши внатрепартиската „војна“. Тие го обвинија вицепремиерот Артан Груби дека како дел од извршната власт сам одлучувал за кадровските поставувања и дека дилетантски се однесувал, со што се придонело кон револт и пасивност на гласачкото тело, што пак резултирало со лоши изборни резултати на последните избори во Тетово.
Обвинија и дека во партијата не постојат и не се формираат статутарните партиски органи, дека политичкото одлучување станало индивидуално, како и дека не постои дебата и консултација со базата.
По објавување на писмото, кое патем до медиумите беше лиферувано од службената е-маил адреса на Општина Чаир, „360 степени“ побара коментар од вицепремиерот Артан Груби, но тој досега не одговори на нашето барање.
Извор: 360 степени