Бриселската полиција во текот на вчерашниот ден спроведе масовна акција за справување со криминалот и илегалната трговија со наркотици на Централната железничка станица во Брисел, при што се приведени над 30 лица, објави весникот „Соар“.

Во акцијата учествуваа околу 200 полицајци и службеници на имигрантската служба, кои вршеа контроли на присутните на станицата.

Според извештаите на локалните медиуми, покрај приведените осомничени криминалци од страна полицијата, дел од затекнатите лица на станицата се предени на имигрантската служба, а дел, пред се бездомници, се упатени во социјалните служби.

По полициската акција на терен излегоа екипи на комуналните претпријатија од општините Сен Жил и Андерлехт, кои ги отстранија оставените душеци, вреќи за спиење, шаторски крила, ќебиња и останатиот отпад.

Полициската акција уследи по отвореното писмо што го упатија станари на реонот околу станицата и апелот на директорката на белгиската железничка компанија СНЦБ, Софи Дутордоар, кои побараа од властите мерки против растот на криминалот и употребата на дроги и справување со „драматичната ситуација“ во тој дел на Брисел.

Според „Брисел Тајмс“, во текот на 2020 и 2021 година на самата станица и околу неа се регистрирани над 3.500 кривични дела, пред се кражби, а проблем претставува и продажбата на наркотици во реонот.

По јавните реакции на ваквите состојби на станицата, белгиската Федерална влада во петокот најави изработка на нови планови за „справување со несигурноста на станицата и подобрување на безбедноста на долг рок“.