Во првата половина од годинава 463 милиони евра е вредноста на директните странски инвестиции во Албанија, што бележи благ пораст од 3 милиони евра во споредба со истиот период минатата година, јави дописничката на МИА од Тирана.
Според Централна банка на Албанија, најмногу странски инвестиции имало во секторот екстрактивна индустрија, каде што нивната вредност достигнала 95 милиони евра.
Најсилен раст странските инвестиции забележале во недвижности, со што нивниот вкупен износ достигнал 80 милиони евра, потоа во секторот на финансискиот систем и во преработувачката индустрија.
Од друга страна, завршувањето на енергетските проекти, транс-јадрански гасовод, ТАП и Хидроелектраната „Девол“ условиле странските инвестиции во овој сектор значително да се намалат и тоа за 112 милиони евра, споредено со првите шест месеци од 2020 година.
Холандија е на врвот на списокот како најголем странски инвеститор во земјата со 104 милиони евра и покрај фактот што тие бележат значителен пад во овој период. Втора е Италија со вкупно 61 милион евра, по што следуваат Турција и Франција, со 48 односно 47 милиони евра, Швајцарија со 28 и Австрија со 27 милиони евра.