По задолжителната вакцинација против Ковид-19 за лекарите, наставниците и студентите, албанското министерство за здравство најави дека истото ќе важи и за вработените во администрацијата, полицијата, вработените во аптеките и лабораторите.

-Напливот на новозаболени, главно со Делта сојот, посебно кај помладата популација, услови проширување на опсегот на задолжителна вакцинација на групите кои се најзагрозени од ширењето на инфекцијата. Најпрво тоа го направивме за медицинскиот персонал, универзитеските работници и студенти а сега ги опфаќаме и вработените во админстрацијата, полицијата, фармацевтските работници и лаборантите, изјави Еугена Томини, заменик министерка за здравство.

Додаде дека очекуваат во текот на овој месец, кој е отворен месец за вакцинација, оваа категорија граѓани да се имунизираат и до 30 септември да го достават сертификатот во нивниот колектив а за студентите во канцелариите определени од високото образование копија од картичката за вакцинација издадена од е-Албанија.

Томини упат апел до граѓаните за што помасовен одзив за имунизација со цел „ да се обезбеди поголема вакцинална покриеност и да не се дозволи циркулација на мутациите на опасниот вирус“.

Епдемиолошката состојба во земјата не стивнува, поради што од вчера во функција е ставена и болницата Ковид 3 а се поготвуваат да почнат со прием на пациенти и регионалните болници.

Според последните, вчерашни, податоци од ресорното министерство опасниот вирус бил потврден кај 984 лица или 100 повеќе од претходниот ден, што е над 16 отсто од тестираните. Како последица од заразата починале четири лица. Активни на болеста се 11.628, хоспитализирани се 106, од нив 19 во многу тешка состојба.