Талибанците употребија солзавец и бибер спреј за да го растурат протестот на десетици жени во Кабул, кои бараат еднаквост.

Жените во Кабул трет ден протестираат барајќи женски права, еднаквост, правда и демократија.

Демонстрантките шетаа од мостот до претседателската палата во Кабул.

Жените во Авганистан бараат право на работа и право да се приклучат на владата, а талибанците најавија дека ќе го објават составот на нивната администрација во наредните денови. Засега талибанците објавија дека жените можат да бидат вклучени во владата, но не и на министерски позиции.

Авганистанките стравуваат од враќање на стариот режим на талибанците (1996 – 2001) и протестираат во Кабул и Херат. За време на претходната власт на талибанците жените мораа целосно да се покријат со бурка и не им беше дозволено да се движат надвор од куќата без придружба на машки член на семејството. Покрај тоа, на девојчињата не им беше дозволено да одат на училиште, а на жените не им беше дозволено да се вработат.