Албанската полиција разби криминална банда трговци на оружје, во која покрај другото заплени и лесен митралез.
Во полициската акција со кодно име „Оружје“ се уапсени три лица, кои се затекнати во моментот кога едното од нив го преземало оружјето и муницијата, од другите две лица.
„Во рамки на максималната посветеност за спречување, идентификување и сузбивање на недозволено поседување и трговија со огнено оружје, како резултат на добиената информација по оперативен пат, успешно ја финализиравме операција со кодно име „Оружје“. Упасени се И.Д.(30) М.Ч.(30) и Ф.Д.(27) сите жители на Тирана. Затекнати биле во селото Вишње, во моментот на предавањето на оружјето и муницијата“, соопшти полицијата.
Се додава дека како материјален доказ се запленети и еден лесен митралез, две автоматски пушки, пиштол, ловечка пушка, поголемо количество муниција и три мобилни телефони.
Материјалите се проследени до Обвинителството во Основниот суд во Тирана, за натамошна истрага.
И покрај неколкуте акции за доброволно предавање на оружјето што го поседуваат без дозвола, во рацете на цивилите во земјата се уште има големи колчества оружје, што е прична повеќе во честите вооружени престрелки и убиства.
Според полицијата во првите шест месеци од годинава регистрирани се околу 40 убиства.