Девет земји членки на организацијата „Северноморска енергетска соработка“ во текот на следните децении планираат зголемување на производството на електричната енергија преку офшор електраните на ветер, како дел од напорите за борба против климатските промени и за постигнување независност од увозот на фосилни горива, особено од Русија.

Германските власти соопштија дека членките на организацијата имаат намера до 2030 година да го зголемат производството на енергијата од ветер во регионот на 76 гигавати.

Следните цели потоа се: 193 гигавати ветерна енергија од Северното Море до 2040 година и 260 гигавати до средината на векот.

Германското Министерство за економија и енергетика соопшти дека моменталниот производствен капацитет во регионот е помал од 20 гигавати.

Членки на „Северноморската енергетска соработка“ се Белгија, Данска, Франција, Германија, Ирска, Луксембург, Холандија, Норвешка и Шведска.

Обединетото Кралство, кое има свои големи планови за производство на енергија од ветрот на својот брег, не е членка на организацијата, откако во јануари 2020 година ја напушти Европската унија.

Минатиот месец, седум европски земји со пристап до Балтичкото Море ветија дека до 2030 година седумкратно ќе го зголемат производството на енергија од офшор електраните на ветер.