Висок американски функционер во разговор со новинари на приемот организиран од грчко-американската комора од Северна Грција изразил убедување дека за пет години Солун, но и поширокиот регион ќе имаат корист од спроведувањето на Договорот од Преспа, бидејќи Солун ќе стане космополитски европски крстопат за земјите од Западен Балкан, објави грчката новинска агенција АНА-МПА.

-Тој го карактеризираше договорот како game changer, односно како разврска што ги менува условите на играта и изрази проценка дека во Грција сé уште не е доволно оценето позитивното трансформативнo влијание на договорот во перцепцијата во САД, а особено во Вашингтон, но и на меѓународно ниво, пишува АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.

Американскиот функционер рекол дека за САД, целото прашање не било поврзано со владата, опозицијата или партиите, туку со сликата на Грција како сојузник во НАТО и член на ЕУ „што има единствена и значајна улога во стабилноста во регионот и текот на Западен Балкан во европската рамка“.

Во однос на трговските ознаки, високиот американски функционер, кој претходно имал средба со бизнисмени од Северна Грција, пишува АНА-МПА, изразил убедување дека не постои проблем за грчките компании или производи кои во нивното име го содржат зборот „Македонија“.

-Додаде дека тој лично не видел нешто во Договорот од Преспа, ниту пак слушнал нешто од грчкото Министерство за надворешни работи што би го потврдило тоа дека грчките бизниси би загубиле нешто. Напротив, тие ќе имаат економска корист од стабилизирањето на географското соседство на Грција и стабилниот тек на државите од регионот кон ЕУ. Исто така рече дека изразените стравувања за влијанието на договорот врз грчките бизниси повеќе се поврзани со дезинформации или, поточно, со недостаток на соодветно информирање, пишува грчката новинска агенција АНА-МПА.