Експлозијата што го оштети рускиот стратешки мост на Крим и уби најмалку три лица била организирана од Украина, објавија Њујорк Тајмс и Вашингтон пост, цитирајќи свои извори.

Висок украински функционер со кој разговараше Њујорк Тајмс, тврди дека Киев стои зад експлозијата, додавајќи дека нападот бил организиран од украинските разузнавачки служби, кои организирале да биде поставена бомба на камион што возел преку мостот.

Ова тврдење го повтори и Вашингтон пост, кој, цитирајќи официјален претставник на украинската влада, исто така ја припиша експлозијата на специјалните служби на земјата.

Оваа верзија беше поддржана од страна на Украинска правда, која, цитирајќи извор од безбедносните служби на земјата, рече дека разузнавачката агенција, наречена СБУ, стои зад нападот.

Иако украинските власти не презедоа експлицитно одговорност за нападот, тие го поздравија. Помошникот на претседателот Владимир Зеленски, Михаил Подолијак, рече дека експлозијата е „само почеток“, додавајќи дека „се што е незаконско мора да биде уништено“.