Министерот за здравство на САД, Алекс Азар, е во официјална посета на Тајван. Тоа е прва официјална посета на островот на висок американски претставник од 1979 година.

Азар високо ги оцени напорите на Тајван во справување со пандемијата на коронавирус, нарекувајќи ги пример за „транспарентната и демократска природа“ на островот.

На денешната прес-конференција во Тајпеј со претседателката Цај Инг-вен, Азар ја истакна цврстата поддршка и пријателство што претседателот Доналд Трамп претходо ги изрази, за зацврстување на односите со автономијата на островот.

Во 2018 година Трамп потпиша Закон за официјални посети на Тајван, со кој се предвидени билатерални посети на високо ниво.

Во Тајван досега се регистрирани само 477 инфицирани лица со Ковид-19 и седум смртни случаи.
Кина се противи на посетата на Азар на Тајван бидејќи островот за неа е кинеска територија. Пекинг се заканува дека може да го припои островот по секоја цена, ако треба и со помош на воена сила. Пекинг го блокира учеството на Тајпеј во меѓународната политика, како на пример гласањето во ОН против учество на земјата во работата на Светската здравствена организација.

Инг-вен, која има решителен став за независност на Тајпеј од Пекинг, во изјавата денеска ги осуди акциите на Кина.

– Политичките ставови не треба никогаш да стојат над правата за здрав живот, изјави таа.
Тајван се отцепи од Кина после граѓанската војна во 1949 година кога националистичките сили на Чанг Кај-шек беа потиснати од копнениот дел на земјата од страна на комунистичката власт на Мао Це Тунг и прогласија автономија на островот.

Посетата на Азар стана уште една причина за заострување на односите меѓу Пекинг и Вашинтон, покрај натегањата околу трговските прашање, технологиите, засилената контрола на Кина над Хонгконг и обвинувањата на администрацијата за ширењето на епидемијата, што првпат беше забележана на кинеска територија во градот Вухан кон крајот на минатата година.

Минатата недела Кина испрати официјален протест до САД, откако Азар најави дека има намера да го посети Тајван, и го повика Вашингтон да ги прекине сите официјални контакти со островот.