Дарко ЈАНЕВСКИ

Неколку дена срамен молк ја обвива државата по објавување на целосниот разговор меѓу Никола Груевски и Гордана Јанкуловкса и останатите по убиството на Мартин Нешковски. Молчат сите, залиени им се устите, освен префрлувањата кои тука и таму ќе ги изнесе некој на социјалните мрежи.

Но, молкот не се однесува на обичниот човек. Молкот се однесува на политиката, на политичарите, на правото, на оние т.н. експерти по кривично право кои, и во спална соба ни влегуваа пред неколку години во времето на шарената револуција, на оние т.н. шарени адвокати кои во истото време со т.н. експерти од „онаа работа“ не ни се симнуваа додека не беше урнат Груевски, молкот се однесува на МАНУ, на Обвинителството на Јовевски, на фамозната Рускоска, на кремот во оваа држава – „невладините“ паразити кои види чудо, немаат проект со странски пари за овој случај иако беше јасен од самиот почеток, молкот се однесува на шљамот новинарски од удбашката ергела порано вгнездена во НИП-от, а оттаму распослана низ државата и западните амбасадите кои со две раце ги прифатија некогашните комунисти и удбашчиња (со логиката, ги земаме дека тие се научени да слушаат и да бидат покорни кученца) за сега со таа ергела да глумат слобода на медиуми, на оргазмична радост на вмровчињата кои никогаш не се ослободија од комплексот на пониска вредност кон некогашните извршители на ЦК. Молкот се однесува и на…, всушност беспредметно е натаму да набројувам, оти листата нема да има крај, во оваа држава во која моронизмот и некрофилијата ти влегуваат во си-ви-то и се препорака за се и сешто, само не за тоа што треба.

Заев одржа прес конференција на 5 мај 2015 година на која емитуваше три минутна снимка со која се креира лажна вистина. Се креира лага дека тогашната власт се обидела да го прикрие убиството. И по тие три минути на т.н. „бомба“ во која Заев ги извади коските на несреќното дете и ги фрли по скопските улици, следеа демонстрации во кои беа повредени 40 полицајци. За насилниците се водеа кривични постапки и некои од нив веројатно уште траат.

Не треба многу ум, доволно е да бидеш специјален или обичен јавен обвинител, за да сфатиш, посебно сега кога се појави 12-минутната снимка со сосема поинаква вистиа од таа на Заев, Шеќеринска и сите кои стоеја зад „вождот“ на таа прес конференција, дека Заев манипулирал со вистината, ги злоупотребил чувствата на роднините на Нешковски и на јавноста, на илјадници Македонци, од кои некои сторија кривично дело. Тоа во кривичното право се вика „поттикнување“. Или поинаку кажано, кривично дело сторил и тој што удрил на полицијата, но и тој што го поттикнал да удри и да стори кривично дело.

Кривично-правната врска меѓу прес конференција на Заев и насилните демонстрации сосема е јасна. Се гледа како што се гледа Сонцето среде летен ден без облаци. Деновиве многумина од демонстрантите и од шарените шаренаици, самите признаваат дека да не била таа снимка, немало да има ни демонстрации. Самите признаваат дека биле изманипулирани, излажани, искористени за, што би рекле од СЈО, „да се оствари лукративна цел“, а таа е Заев и неговата камарила да дојдат на власт. Се сеќавате, во друг предмет, Груевски не го гонат дека зел провизија од Кинезите туку дека имал „лукративна цел“ – автопатот побргу да се изгради за тој да победи на избори. Како што веројатно се сеќавате дека постои предмет за „шамарите во општина Центар“ во кој се гони и за поттикнување за насилство кое се состоело во тоа што некои вработени во општината биле потресени од, како што стои во Обвинителниот предлог на СЈО прифатен од Судот, цитирам: „…ќе Ви го ставам во уста (појма немам зошто писмените специјалци тоа „Ви“ го напишале со големо „В“?), комуњару, гомно комунистичко, косовци, удбаши…“ итн.

Од друга страна, точно е дека Заев никому не рече да повреди полицајци, никого не натера да стори кривично дело, но таа логика е кафеанска. Наспроти тоа, еве да видиме како тоа стои кај српскиот професор Милош Марковиќ, а можете да проверите кај било кој друг експерт по кривично правна материја (овие нашиве не сакам да го споменам, не пак да ги цитирам, па затоа одам во соседството):

За да постои поттикнување во овој случај, доволно е некого да доведеш во заблуда. И тоа, се чини, не е спорно. Попрецизно и пошироко кажано, поттикнувањето постои тогаш „кога на друг се влијае, кога друг се наведува да донесе одлука за извршување кривично дело“.

И понатаму „дејството на поттикнувачот мора да биде насоечено кон тоа кај поттикнатиот да се зацврсти одлуката да преземе дејствие со кое ќе биде предизвикана последицата“ (демонстрации против „режимот“ со последица дека при нив беше употребено насилство кон полицијата која имаше наредба да биде крајно воздражана, наспроти бесната толпа).

Кое дејствие би било погодно за да се смета дека кај Заев и неговите постои поттикнување? Според Марковиќ, секое кое се движи во распонот меѓу благо убедување, па се до некоја форма на принуда. Според истиот автор, во тој распон спаѓа и „доведување во заблуда“ на поттикнатиот (тие што извршија насилство), а во овој случај тоа би било тврдењето, поткрепено со снимката дека власта се обидела да го забошоти убиството на едно дете и дека затоа мора да падне, да се урне (таа заблуда меѓутоа нема карактер насилниците да ги ослободи од вина бидејќи не постои заблуда која може да ви дозволи да нападнете полицајци, совен евентуално крајна нужда, а тука такво нешто нема). Со други зборови, ако кај нив Заев не создал заблуда дека имало обид да се сокрие смртта на детото, не би имало ни повредени полицајци, однсоно насилни дмонстрации. Поцврста врска меѓу поттикнувачот Заев и поттикнатите насилници на демонстрациите, здравје!

Тоа го покрива и барањето на теоријата дека поттикнувањето мора да се однесува на „конкретно кривично дело“. Имено, како се урива еден режим кој се обидел да сокрие убиство на дете? Со насилство, се разбира. Да не ја заборавивте потпалувачката реторика на Заев, на СДСМ и на нивните гавази од тоа време, сите тие заедно здружени во едно големо некрофилско друштво? Следеа демонстрации, понатаму и сами знаете.

Оттука, фрапира молкот поврзан со тоа дека Заев и сите тие од СДСМ кои учествуваа во оваа некрофилија со Мартин Нешковски не се гонети од Обвинителството на Јовевски. И тоа веднаш, во овие неколку дена.  Ама, подобро е да си молчиме, нели обвинители?

Вториот моменет е дека со 12-минутната снимка се урива целиот концепт врз кој почива постоењето и делувањето н СЈО. СЈО е основано за гонење врз основа на нелегалните снимки и независно од тоа што како доказ подоцна е обезбедено, тоа не го менува фактот дека тие биле „сечени, лепени и монтирани“ (ако така било за Нешковски, можете да замислите како е за другите случаи), и дека во ниту еден случај од надлежните судии и совети не беше дозволено да се провери дали снимките се целосни, дали не се „сечени, лепени и монтирани“.

Всушност, со оваа 12 минута снимка се урива базата, темелот врз кој почива неуставното СЈО (како правото Шкариќу?), бидејќи никој не знае дали снимките што Заев ги предал не се претходно сечени и монтирани, како што никој не знае дали Катица и нејзините ја говорат вистината кога велат дека се што е битно чуле и дека нема ништо спорно во нивните постапки. Фактот што СЈО немаше поведено постапка против никој од таа снимка за Мартин Нешковски не менува ништо во ова, бидејќи убиецот беше експресно затворен, па немаше дело.

Но, и ова е сложено нели? Ај, и онака е сабота, ден кој обично доаѓа по петок, а е пред недела кога чека правосмукалата и „виледа“ крпата. Па така, убава Ви ноќ, зомбиевци!