Дали Петре Шилегов ќе го видиме како сече лента на отворањето на дивоизградената платформа на Матка? И тоа нема да не чуди да се случи во загубена Република Македонија предводена од Зоран Заев, реагира денеска ВМРО-ДПМНЕ, во врска со вчерашното свечено отворање на дивоградбата во Охрид.

– Зоран Заев, централната и локалната власт со месеци најавуваа дека ќе се борат  против дивоградбите и дека ќе ги отстрануваат. Но, сведоци бевме како градоначалник од владејачкото мнозинство свечено ја отвори дивоградбата во центарот на Охрид кај чинарот, во сопственост на советникот во Општина Охрид, Нефи Усеини. Во ваква апсурдна ситуација единствен заклучок е дека СДСМ  јавно го одобрува никнувањето на дивоградби низ државата, затоа што позади нив се кријат политички и бизнис интереси  на власта. Оваа неодговорна, неспособна и криминална власт е одговорна за тоа што Охрид наскоро може да го изгуби статусот во УНЕСКО. Нивното самоволие оди дотаму што на скандалозен начин во Собранието сакаат да протуркаат закон што не е ист со оној што беше презентиран на Сесијата на Комитетот за културно наследство во Баку, се вели во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.

Самобендисаноста и ароганцијата на СДСМ, се додава натаму, оди до таму што не ја презентираа вистинската и реална ситуација во Охрид, а тоа е бидејќи не беа способни да ги спроведат препораките на УНЕСКО.

– Ова не го говори само ВМРО-ДПМНЕ, ова го тврдат и медиумите, експертската јавност  и невладините организации кои сериозно и будно го следат проблемот со охридскиот регион и неговиот статус во УНЕСКО. Нејасно е и зошто со предложениот закон се предвидува во советот за охридскиот регион да биде именуван член од Министерството за политички системи и тоа тело одлуките да ги носи според Бадентерово мнозинство. Класично политизирање со културното и природно наследство на Република Македонија. Ова е уште еден показател дека Заев е подготвен на политички пазар за се во државата па дури и за природното и културно богатство на Република Македонија. СДСМ и Заев мора што побрзо да си заминат за може што побрзо да се поправи штетата која секојдневно ја нанесуваат на државата, пишува во соопштението од опозициската партија.