Рускиот претседател Владимир Путин од почетокот на Светското фудбалско првенство во Русија, ја игра својата игра на државник, примајќи со ред претседатели и други високи функционери.

Исто така, за Мундијалот се продадени повеќе од 2,5 милиони влезници, што Русија ја стави на позиција топ туристичка дестинација, а рускиот тим, инаку рангиран како најслаб во групата, заигра над сите очекувања, наведува СНН.

Светското фудбалско првенство, исто така, го подигна рангот на Путин и на геополитички план, дури доби честитки за добрата организација на Мундијалот и од високиот функционер, кого претседателот на САД, Доналд Трамп го испрати во Москва, прашувајќи го Путин како сето тоа успеал да го реализира.

Но, како што наведува СНН, тука не станува збор само за дипломатски гест. Светското фудбалско првенство, погледнато малку подлабоко, ќе го затвори поглавјето кое Путин го отвори на Зимските олимписки игри во Сочи.

Бидејќи, како што наведува СНН, одма после тие игри во 2014 година Русија го анектира украински Крим, со што е предизвикана сериозна меѓународна криза, која заедно со соборувањето на малезискиот авион над Украина и улогата на Русија во војната во Сирија, Москва ја втурна на работ од светска изолација.

„Сега Путин претседава со моментот на меѓународната русофилија, барем според настапите. Мундијалот досега не е извалкан со насилство од навивачи, ниту имаше некои терористички закани, а фотографиите од весели навивачи на улиците низ руските градови испраќаат позитивна слика за Русија. На геополитичкиот фронт, како круна за крај на Мундијалот на Путин, ќе биде средбата со Трамп на 16 јули во Хелсинки“, истакнува СНН.

На дневен ред на самитот  на двата светски лидери ќе бидат сите прашања кои „го мачат светот“. Исто така, зад кулисите на Светското првенство, во Москва пристигнува висока делегација на Републиканците од САД, наведува американската ТВ мрежа СНН.

И на крајот, завршницата на Светското првенство на 15 јули ќе му даде шанса на Путин да одигра уште една улога на домаќин. Имено, рускиот лидер, на последниот финален натпревар, ги покани израелскиот премиер Бењамин Нетанјаху, заедно со палестинскиот лидер Махмуд Абас, сите тројца заедно да го гледаат натпреварот од финалето. Нетанјаху се уште не одговорил, но Абас прифати и тој доаѓа.