Главниот штаб за управување со кризи при ЦУК денеска ќе одржи седница на која ќе биде разгледан планот на Министерството за здравство, кои објекти треба да се обезбедуваат.

Како што изјави за МИА в.д. директорот на ЦУК, Стојанче Ангелов, Армијата при обезбедувањето само ќе и асистира на полицијата и ќе биде на своите позиции без оружје.

-Ние веќе добивме од Министерството за здравство план на објекти кои треба да се обезбедуваат. Ќе го разгледаме и ќе го дадеме на МВР да го операционализира. Ќе побараме од соодветните служби на Министерството за внатрешни работи, во делот на обезбедување да изготват план – дали се прифаќаат сите точки, дали е доволно покривање во една смена или 24 часа. Врз основа на тоа, ќе предвидат луѓе кога би ротирале во три смени. Тогаш ние ќе ја имаме вистинската слика, објасни Ангелов.

Акцискиот план, потсети, се уште не е поминат и одобрен од Управувачкиот комитет, затоа не може да се процесуира, а треба да помине и на Влада.

-Тоа не значи никакво пролонгирање. Но, Владата носи конечна одлука и врз основа на тоа, како и врз основа на закон и подзаконски акти претседателот ќе нареди употреба на Армијата, но без оружје. Армијата само ќе и асистира на полицијата и не смее самостојно да презема дејствија без полициски службеник со полициски овластувања. Армијата служи за обезбедување на стратешките објекти, на здравствените објекти и магацините од делот на здравството кои имаат лекови, опрема и други медицински материјал, ќе му биде поддршка на здравството да може да функционира безбедно. Сакаме да превенираме за сите да се чувствуваат безбедно, и пациентите и докторите и медицинскиот персонал, воопшто сите граѓани, објасни в.д. директорот на ЦУК.