Спремна сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата, изјави вечерва предложената нова министерка за финансии, Нина Ангеловска.
Таа преку Фејсбук порача дека понудата ја гледа како шанса да биде предводник на промени во земјата во која ја планира и својата иднина.
– По речиси 10 години домашно и интернационално искуство и значителна меѓународна препознаеност на мојата напорна работа и придонес, чест ми е што моето знаење, потенцијал и ентузијазам за промени, се препознаени да бидат ставени во функција на прогресот на нашата држава. А честа е уште поголема затоа што основaта е целосно непартиска. Понудата ја гледам како шанса, да бидам предводник на промени во земјата во која ја планирам и својата иднина. Со прифаќање на овој голем предизвик, подготвена сум целото свое стекнато знаење, менаџерски способности и бизнис искуство, да ги вложам за најдобро вршење на оваа исклучително одговорна фукнција, носење на најдобрите информирани одлуки за нашата земја и граѓаните, брзо апсолвирање и одговорно делување, напиша Ангеловска на Фејсбук.
Натаму потенцијалната министерка за финансии додава:
– Спремна сум да се вложам во прогресивни фискални политики со кои ќе креираме силна економија за граѓаните и ќе ги задржиме младите во државата. Ова е време на технологии, вештини, развој на модерното претприемништво и нови бизнис модели, дигитални комуникации и производство. Таму го гледам развојот на земјата. Конечно, ќе вложам максимум во унапредувањето на фискалната транспарентност и домаќинско раководење со парите на граѓаните, порача Ангеловска преку фејсбук.