Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев при денешната посета на стопанските капацитети во Свети Николе забележа дека економијата не оди во надолна линија, туку според него бројките кажуваат дека оди токму во нагорна линија.

– Минатата година имавме негативен раст, после тоа првиот квартал не беше најдобар. Меѓутоа вториот квартал во 2018 година спореден со вториот квартал во 2017 година имаше раст од 3,1 отсто. Она што мислам дека е многу важно да го потенцираме, тој раст од 3,1 отсто е остварен при пад на градежништвото од 17 проценти. Знаете растот во Република Македонија обично го обезбедувала државата со своите активности. Овој пат, првпат растот е одраз на реалната економија, изјави Анѓушев.

Тој забележа дека овој раст не го направи државата со вештачки проекти.

– Јас очекувам дека градежништвото со раздвижување на три-четири големи проекти, кои што сега се случуваат, а тоа е пред се автопатот Кичево-Охрид, железницата кон Бугарија, гасоводот, ќе го врати растот на нормалното ниво. Но, притоа не со вештачки проекти, туку со инфраструктурни проекти, кои ќе бидат корисни и со самото тоа очекувам подобри бројки, потенцира Анѓушев.

Инаку, вчера беше објавен есенскиот извештај на ММФ според кој Македонија има најнизок раст во регионот, односно само 1,6 отсто, а во Косово, Србија и Албанија е 4 отсто.