За 85,3 отсто од Грците, зголемувањето на цените предизвикува најголема загриженост, а за речиси половина од анкетираните (49,8 отсто) националните прашања односно грчко- турските односи, покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење спроведено од агенцијата „Marc“ за грчката телевизија „Антена“, јави дописничката на МИА од Атина.

За грчко-турските односи, повеќе од половина анкетирани, односно 56,5 проценти сметаат дека владиниот став во однос на Турција е во правилна насока, 52,1 отсто одговориле дека е сигурно или веројатно можно во текот на летото да има некаков инцидент во Егејското Море, а 45,3 проценти оцениле дека не е многу/воопшто веројатно.

Во однос на сценаријата за предвремени избори во земјата на есен, кои во изминатиот период се сè погласни, речиси седум од десет анкетирани (67,3 отсто) оценуваат дека ќе се одржат на есен, а 46,5 проценти го посакуваат тоа, наспроти 48,1 отсто кои посакуваат изборите да бидат следната година, на крајот од четиригодишниот мандат на Владата.

На политичката сцена, Нова демократија, според резултатите и од оваа анкета има подобар рејтинг од опозициската СИРИЗА со разлика од десет отсто.

Истражувањето на јавното мислење на агенцијата „Marc“ за телевизијата „Антена“ било спроведено од 22 до 25 јуни со вклучени 1.059 лица.