Германската ултрадесничарска Алтернатива за Германија (АфД) ги престигна социјалдемократите, покажа анкета објавена вчера, неколку дена по едни од најнасилните протести на радикалната десница какви што немало со децении.

Околу 6.000 приврзаници на АфД и антиисламската партија ПЕГИДА, во саботата се собраа во Кемниц, што беше еден во низата протести поради убиството на еден Германец на 26 август од страна на мигранти во истиот град.

Според анкетата, која ја спровел институтот ИНСА, АфД на избори би освоила 17 отсто од гласовите, додека социјалдемократите, кои се коалициски партнер на конзервативците на канцеларката Ангела Меркел, би добиле 16 отсто.

Конзервативниот блок Христијанско демократската унија и Христијанско социјалната унија, според истата анкета, би освоил 28,5 отсто од гласовите.

Следниот тест на силата на партиите во Германија ќе биде на 14 октомври на изборите во Баварија, коментираат локалните медиуми.