Во германската сојузна држава Хесен в недела се одржуваат избори за локалниот Парламент, а најновите анкети сугерираат исход сличен како на неодамнешните избори во Баварија.

На изборите за Парламентот ќе можат да гласаат околу 4,4 милиони граѓани, а според анкетата, за гласачите најважни теми се образованието, мигрантската криза и стабеното прашање.

На изборите во Баварија најголеми добитници беа Зелените и екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), за која се очекува првпат да влезе во Парламентот на Хесен.

Според најновата анкета на берлинската агенција за испитување на јавното мислење „Сивеј“, конзервативците од Христијанско-демкратската унија (ЦДУ) на канцеларката Ангела Меркел во Есен би можеле да освојат 27 отсто од гласовите, додека нивниот коалициски партнер на сојузно ниво, Социјалдемократската партија на Германија (СПД) ќе добие 22 проценти.

Според анкетата Зелените би можеле да освојат еден отсто повеќе гласови отколку во Баварија односно да добијат 18,5 отсто од гласовите, АфД – 13 проценти, Левица – осум, а либералите од Слободна демократска партија (ФДП) – 7,5 отсто.

Во однос на последните регионални избори одржани во септември 2013 година, тоа претставува сериозна загуба за двете најголеми партии – ЦДУ и СПД, додека десничарскара АфД првпат би влегла во локален Парламент.

Според резултатите од анкетата можен е крај на владејачката коалиција во Хесен, која ја сочинуваат ЦДУ и Зелените, под водство на покраинскиот премиер и потпретседател на христијанските демократиФолкер Буфије.

Пред пет години ЦДУ во Хесен освои 38,3 отсто од гласовите, СПД – 30,7, Зелените – 11,1, Левица – 5,2, ФДП пет проценти, додека АфД со 4,8 отсто не го помина изборниот праг.

Доколку ЦДУ и СПД во Хесен доживеат пораз тоа би влијаело на сојузната власт во Берлин, бидејќи германските покраини се претсатвени и во Горниот дом во германскиот Парламент (Бундесрау).

Големата црно-црвена коалиција откако ја презеде власта во март 2018 година стана синоним за постојани политички несогласувања и нестабилност.

По поразот во Баварија на 14 октомври, баварската сестринска партија Христијанско-социјална унија (ЦСУ), баварска сестринска партија на владејачката ЦДУ, го загуби мнозинството по повеќе од 50 години, на мета на критиките се најде и лидерот на ЦСУ и сојузен министер за внатрешни работи Хорст Зехофер, кој неодамна навести дека би можел да поднесе оставка.

Ако конзервативците го повторат неуспехот и во Хесен, а Зехофер навистина поднесе оставка, тоа би довело и до евентуален крај на големата коалиција на ЦДУ, ЦСУ и СПД.