Антигона Браздова на ФБ:

Помина парадата на гордоста. Не го сфатив значењето на зборот гордост во конкретниов контекст, ама па може до мене е. Нејсе. Сосема ми е небитно кој со кого општи меѓу 4 ѕида, пошто луѓето ги делам на луѓе и нелуѓе. А, лица со поинаква сексуална определба имало и ќе има. Тоа е реалност и ја прифаќам, исто како што прифаќам дека постојат различни луѓе по карактер.
Она што ми е битно е тоа што парадава ја поврзуваат со европски или ЕУ вредности. И со скратени права. Ок. Ај да ги видиме ЕУ вредностите во другите држави во споредба со нашава, па да видиме кој колку реално е обесправен.

1. Да почнеме со лицата со хендикеп и нивните права, може? Најголем дел од институциите во државава им се недостапни, немаат рампи, немаат тоалети прилагодени за такви лица. Нема автобуси, т.е ги купија, ама на пола рампите не им се отвараат. Тротоарите се полни со паркирани возила, па ако лице со хендикеп реши со количка да се движи, мора по улица да оди. Скроз европски, нели? Во ЕУ државите (не мислам тука на Хрватска и Бугарија, туку на поасалните), се е прилагодено за лицата со хендикеп. Буквално секоја јавна институција, плоштад, тротоар. Во Шпанија, во едно туристичко место (Љорет де Мар), тротоарите се многу ниски, со рампи, а рампи постојат и на самата плажа и на влез во самото море. Дури има и посебни тушеви за лица со хендикеп на плажата. Па лицата со количка можат самостојно да се движат низ градот и до плажата. Исто ко Охрид наш, нели?

2. Министерската Царовска, т.е. нејзиното министерство, минатава зима направи предлог закон со кој лице со хендикеп смее да оствари приход само по еден основ. На пример, или ќе зема додаток за мобилност или додаток за нега на болен. Па и писнаа здруженијава на лица со хендикеп, и предлог законот се повлече. На ТВ никој ништо не спомна, европски дух негувале де

3. Во ЕУ државите (асалните), лек на рецепт е 0 денари. Пардон, 0 евра. Кај нас дома, за лекови за хипертензија, аритмија и терапија после стентирање, даваме скоро 3000 денари за лекови на рецепт месечно.

4. Европска вредност е за преглед на клиника кај специјалист да чекаш со месеци. Па и за дијагноза. Затоа што матичната од Благодарево за обични крвни анализи (хеликобактер, тироидна), праќа во Скопје на клиника. За скршена нога, од клиника во Битола или Штип, праќаат се во Скопје. Пушти се во Скопје, нека лупаат глави таму што ќе прават, важно да не се замараме. А, исти плати земаат. И после си оделе лекари. Е, не ќе седат овде да покриваат работа на 5 матични, а тие се специјалисти. Исто вака е и во ЕУ. Рецимо, некој ако во Минхен скрши нога, у Берлин на клиника го праќаат

5. Европска вредност е болни и немоќни лица да лежат со гангрена и декубитни рани кои ги лазат муви, се додека на некоја ТВ не објават, па да се смилува некоја поасална здравствена установа да ги згрижи.

6. Европска вредност е да немаш доволно возила за брза помош. Па кога ќе се преврти автобус и ќе загинат 15 луѓе од вкупно 40, да ги повикаш на помош возилата на сите можни приватни клиники за да се транспортираат повредените до клиника. Медицински хеликоптер да се купи? Боже сачувај. Во меѓувреме, заслугите за спасените животи се првично на селаните, кои на раце, со свои возила ги носеа повредените до првата болница.
За тоа дека газдата на скапаните автобуси, бог и батине и член на битна партија нема никогаш да одговара за трагедијата, не ми се пишува. Ужасната сум…

7. Европска вредност е секојдневно да гледаме по 10-15 случаи каде луѓе молат за парична помош за да си го спасат сопствениот или животот на своето дете, пошто ФЗОМ не дава пари.

8. Европска вредност е да гледаш куп вистински социјални случаи, со нарушено здравје, како живеат во трошни куќи без струја и вода и јадат суви корки леб.

9. Европска вредност е да не знаеш каква храна купуваш по маркетите (која е реално прескапа за нашиот стандард, а е неквалитетна). Затоа што нема стандарди. т.е тие ISO, МИСО; HACCP, тоа е само мртво слово на папиру. Реално, ние ниту знаеме од каде е овошјето и зеленчукот, ниту со каква вода се полевани (од Вардар, од канализација или од извор), ниту со колку пестициди се третирани. Во ЕУ, на пример, во маркет си пишува што е органско, а што не. Глупости живи, бе…

10. Тука во Македонија, не може да се вработиш регуларно на конкурс, ниту да напредуваш, ако не си член на партија. Не е битна личната способност и квалитети, туку партијата. Исти такви вредности се и во Данска, ама вие не знаете…

11. Европска вредност е да дишеш смрден воздух 6 месеци годишно. И да се возиш во скантани автобуси. И работилници и домаќинства да се греат на отпад. Тие таму во Европа, ептен заостанати, ем гасифицирани, ем секоја европска престолнина има трамвај и/или метро (освен Скопје, Приштина и Подгорица). Во Холандија сите на точак. Пих, свашта, не знаат они колку е добро кај нас секое сабајле илјадници коли и стотина автобуси со ЕУРО 2056 стандард како се возат по улица, пцуејќи ги гужвите.
П.С. Во Рим и Берлин (не ми текнуваат други), во град не смее да влезе возило кое нема минимум еуро 4.

12. Корпуцијата, нефункционирањето на правниот систем и непотизмот се врвни европски вредности, затоа и кај нас ги има највеќе. Особено случаи кога аболициран премиер добива власт за неовластено да уништи цела држава, цел правен поредок, цела култура, историја и традиција, да изгази Устав и закони и да извади криминалци од затвор за да му дојдат на гласање. И Германија и Шпанија, и Франција се викале поинаку пред да влезат во Еу и НАТО, ама вие тоа не сте го учеле, затоа сега го учите на личен пример…

13. Европска вредност е за неплатена 700 денари казна за паркирање на резидентен паркинг, да платиш 8500 денари, пред да те дадат на извршител. Кај нас е најевропска. Рецимо, во Швајцарија (знам дека не е ЕУ, ама е ептен европска), ако не платиш 200 франци казна во рок, сосе извршител ќе платиш 220. Кај нас за 100 евра неплатени, бубрег ќе треба на црно да продадеш за да платиш кога ќе те дадат на извршител.

14. На врв на европските вредности е да не оставиш паркче или зеленило. Не смее да има зелено бре, само сиво, бетон. Каков ќар би имал градо/село-началникот од парковите де. Исто така врвна европска вредност е општините да расфрлаат отров и да ги убиваат кучињата скитници. И фабриките да испуштат отпад во реките, па да има помор на риби. Или куп угинати белоглави орли од отровот за глувци. Ма бре тој што се залага за екологија има од нас да учи, не ние од него. Рециклирање на отпад? Фрли тоа ѓубрето на улица, ќе го разгазат коли, ете веќе е полуразградено. За другата половина, ќе треба едно 50 години.

Имам уште куп споредби. И не можам се да напишам. Само едно нешто ме интересира. Кое право им било ускратено на лицата од ЛГБТ заедницата, само заради нивната сексуална ориентација? Некаде не ги примиле на преглед заради нивната сексуална определба? Не можат да влезат во некоја институција? Или не ги примаат на работа на конкурс? Или не им одобриле лекување во странство на товар на ФЗОМ? Кое? А? Или подобро кажано, колку се лицата од ЛГБТ обесправени во споредба со сите оние кои припаѓаат на некоја од горенаведените точки (хендикепирани, лица со сериозни дијагнози, стрејт, асексуални, стерилни, замонашени, верници, атеисти, вегетаријанци, метросексулаци)?

Во земјата во која сурово се прекршени или непостоечки основните права за живот на секоја единка, секоја ваква парада е смешна. И сосема непотребна. Кога ќе стигнеме на ЕУ ниво за се ова што го напишав, тогаш можеме да збориме за прекршени права на лицата на ЛГБТ заедницата. Пошто во ЕУ прво се средуваат проблемите кои го засегаат целото население, па оние на ранливите групи, па оние на другите разно-разни групи.