Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) своето мислење по однос на Предлог – законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 и коридор 10 Д во Македонија, требало денеска да го достави до претседателот на Собранието, но вчера законот е донесен во скратена постапка од стана на пратениците и затоа ќе биде упатено до шефот на државата Стево Пендаровски и понатаму до надлежните институции.
Ова го соопшти на денешната прес-конференција претседателката на ДКСК Билјана Ивановска, која укажа дека ставот на ДКСК, по извршена антикорупциска проверка, е дека овој закон, како целина претставува висок ризик фактор за корупција и судир на интереси и во суштина го суспендира правниот систем во државата, исклучувајќи примена на други закони во целост или делумно. Додаде дека донесениот закон и примената на одредбите на законот во пракса, ќе значи кршење на начелата врз кои се темели борбата против корупцијата и судирот на интереси.
Таа информира дека ДКСК ќе го достави нивното мислење и ќе бара од претседателот Пендаровски да не го потпише овој указ, но доколку го потпише, најави, ќе биде даден на Уставен суд. Од ДКСК се категорични дека ќе ги користат сите алатки што се овозможени во системот да ги употребат во вакви случаи и нема да се откажат. Според Ивановска, охрабрува тоа што претходниот пат кога Пендаровски, како што рече, покажа зрелост да не го потпише Законот за правен статус на бесправно изградени објекти и како што рече, „ако е во функција на одбрана на својот интегритет, очекуваме и овој Закон да не го потпише бидејќи има сериозни уставни прекршувања“.
– Нема јавен интерес каде има вакви политички мудрости, сплеткарења. Во функција на јавниот интерес треба отворено, транспарентно да се излезе пред народот и да се каже зошто и како се поставни работите, а не вака од скратена поскратена постапка да се донесува закон во Собрание што е од многу важно значење за целата држава, рече претседателката на ДКСК.
Чувството во ДКСК што се гради во овој период, нагласи Ивановска, е дека борбата против корупцијата од страна на останатите чинители во општеството останува декларативна и селективна.
– Нас тоа ни побудува чувство дека сме осамени во таа борба што сметам дека е многу лошо за нашата ситуација во државата, истакна Ивановска.
Во образложението на мислењето на ДКСК за овој закон, меѓу другото, стои дека се крши со Устав загарантираната слобода на пазарот и на претприемништвото и обврската на државата да обезбеди еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и во директна спротивност со обврската на државата да презема мерки против монополската положа и однесување на пазарот.
Ивановска, меѓу другото, посочи дека во законот постојат правни празнини кои оставаат отворен простор за субјективизам, арбитрерност, политичко влијание, тргување со моќ и дискреција при конституирањето на Комитетот за преговори, а на сметка на стручноста, компетентноста и професионализамот.
– Овој Комитет е клучниот фактор за утврдување на договорот со стратешкиот партнер и недозволиво е од аспект на одредбите на Законот за спречување корупција и судир на интереси да се остави таква недореченост, правна празнина во однос на составот, квалификациите и стручното портфолио на членовите, рече претседателката на ДКСК.
Законот што вчера го усвои Собранието, на предлог на група пратеници, е конкретна реалзиација на Меморандумот што го потпиша Владата со компанијата „Бехтел и Енка“ како стратешки инвеститор за изградба на автопатите Тетово – Гостивар, Струга – Ќафасан, како и Прилеп – Битола. Со него првпат се предвидува изградба преку нов модел без распишување тендер, за којшто власта уверува дека ќе ги даде најбрзите и најоптималните резултати во изградбата на патната мрежа.
Со предложеното законско решенија сe уредува проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 8 и проектирањето и изградбата на инфраструктурата на Коридор 10 Д, како поединечни проекти за капитални инвестиции од стратешко национално значење за државата.