Пратеникот и претседател на Левицата, Димитар Апасиев, денеска најави 3.500 амандани за измените и дополнувањата на Изборниот законик, по скратена постапка, и тие веќе се архивираат во собраниската архива. Според него, Левицата е единствениот оштетен со останувањето на актуелниот Изборен законик во сила поради процентот за државно финансирање политички партии за избори.
– Онаму каде што се запна е електронското гласање за кое СДСМ не попушта. Инаку, целиот овој процес што СДСМ од почетокот го бојкотира, а потоа и сега ќе го „филибастерингува“, мислиме и ни дава индиции дека е заговор против Левицата од двете најголеми партии за повторно да останеме без државно финансирање. Во ваков статус единствен што губи е Левицата бидејќи остануваат непринципиелните правила на политичка дискриминација – изјави Апасиев.
За електронското гласање, Апасиев вели дека моделот е заснован на францускиот, што, според него, е неприменлив за македонски услови. – Колку за споредба, Франција има три отсто дијаспора од вкупното население, а ние имаме 33 отсто. Тоа значи десетпати повеќе и тој модел е неприфатлив. Единствено за што ние бевме спремни да разговараме е тој модел експериментално да се примени само на претседателски избори и тука беа нашите црвени линии бидејќи знаете дека тие се единствените избори што имаат цензус. Изгледа тука од СДСМ биле ригидно против и не се постигна договор – рече Апасиев.
Според него, електронското гласање е чист каприц на ВМРО-ДПМНЕ со цел да ги минира преговорите и единствен оштетен од ваквиот исход е Левицата. – Очекуваме Уставниот суд на 8 јули да ја поништи оваа одредба и да треба со закон повторно да ја пополнуваме, нешто слично како со независните – рече Апасиев.
ФОТО: Принтскрин




