Единствено решение вели дека се предвремени парламентарни избори, а убеден е и дека Левица ќе добие многу повеќе пратенички мандати со што целосно би пропаднал планот за уставни измени.
-Тоа е “пиши крст-пропало”, нема уставни измени во овој мандат, а во идниот уште помалку. Затоа што во идниот мандат Левица ќе има двоцифрен број мандати и тогаш позициите ќе бидат многу подрастично променети. Нема да има уставни измени. Тие се ќе сторат за да останат на власт, тоа нас не не чуди, нашиот став е што побрзо избори – тоа подобро за државата, изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.
За обвинувањата од премиерот Ковачевски дека Левица е вистинска опасност за евроинтеграциите на Македонија, а Мицкоски е нивни заложник, Апасиев смета дека ваквите констатации се резултат на изедначување на рејтинзите на неговата партија и владејачката коалиција. Со ВМРО-ДПМНЕ не сме ниту во неформална коалиција, ниту во брачна заедница, туку за некои прашања како опозициски партии имаме слични ставови, вели Апасиев.
-Тоа се несериозни изјави од еден неизбран премиер, односно премиер кој никогаш не излегол на избори. Мојата теорија е дека анкетите се тие кои ги тераат на вакви прилично несвојствени и политички некоректни изјави од нивна страна. Досега некоректноста беше наша одлика, на Левица, сега гледам дека СДСМ го презема тој дискурс на порадикални изјави. Според последните анкети СДСМ заедно со коалицијата паднаа под 200 илјади, околу 180 илјади гласови, додека Левица е околу 105 илјади гласови, и тука е фрустрацијата, изјави Апасиев.
По најавите дека Алијанса за Албанците од опозиција е можно да премине во владејачкото мнозинство, Апасиев оценува дека овие пратеници веќе соработуваат со власта кога е потребен кворум за седници. Вели дека веќе се шпекулира колку и кои министерски и директорски места ќе ги добијат со што според него СДСМ ќе биде малцинство во Владата.