Поклонувањето на делгацијата на Левица на гробот на Енвер Хоџа е со цел партијата да ги привлече младите Албанци во Македонија кои имаат само десничарска политичка понуда, вели претседателот на партијата, Димитар Апасиев во интервју за ТВ24. Објаснувајќи го овој чин, Апасиев рече дека комунистичкиот диктатор е најпознатиот Албанец и ја модернизирал Албанија во своето време, поради што заслужува признание. Во врска со протерувањата и убиствата на неистомисленици во време на Хоџа, Апасиев рече „такво било времето, така правел.“

-Посетата беше идеолошка. Тој правел идеолошки дистинкции такво било времето, морал да ги прави. Свесно отидовме да го скршиме bubble-от во кој живеат младите Албанциите. Сите етнички албански партии во Македонија, тргнувајќи од ДУИ, одат кон десно, сите тие им нудат на младите Албанци само десничарска политика. Ние подаваме рака кон младите Албанци кои потајно не поддржуваат, бидејќи за нив е ерес да не поддржат. Мене сиромашниот Албанец ми е поблизок од богатиот Македонец – рече Апасиев.

Според него во Македонија треба да се забранат етнички партии, како што се забранети, рече тој, во некои земји во Европа.

-Сметаме дека целта е постигната. Очекувана беше хистерична реакција од ВМРО и СДС, бидејќи се десничарски партии. ДПМНЕ самите велат дека се наследници на михајловизмот, а СДСМ не врати во 19 век со овој бугарски и француски предлог. Сепак Хоџа е најпознатиот Албанец во 20ти век. На секој политичар можете да му најдете закачки, ваков бил таков бил, но фактографски гледано ја извадил Албанија од отомански вилает и ја модернизирал.  Тој е како Кастро во Куба. Политиката е зафркната работа, такво било времето, така правел – рече Апасиев.