На социјалните мрежи се споделени фотографии од крајбрежјето на Преспанското езеро каде што може да се забележи стар и потонат чун, специфично и препознатливо превозно средство кое се користело со векови за пловење низ водите на езерото.

Точната старост на овој артефакт е непозната, но, како што апелираат од фејсбук страницата Археолошки дневник станува збор за артефакт кој треба внимателно да биде конзервиран.

– Упатувам јавен повик до надлежните институции, пред сѐ најблискиот конзерваторски центар да го згрижат овој специфичен тип на чун-моноксил, артефакт направен од дрво. Фотографиран е во местото Пиргон, на бреговите на Преспанското езеро. Експертите за ваков тип наоди би советувале овој чун да не се вади веднаш од вода, туку да се преземат соодветни конзерваторски зафати, бидејќи во допир со воздух, може лесно да се распадне. Од друга страна, потребно е да се направат и предуслови каде би се чувал, затоа што неговото вадење од вода и конзервирање, поздразбира и посебни услови за чување. Да помогнеме да се зачува дел од нашето богато наследство, стои во апелот објавен на блогот Археолошки дневник.

М.П.