Апелацискиот суд Скопје ги одби жалбите на обвинетите и нивните бранители и во целост ја потврди првостепената пресуда за случајот со терористичките напади во Куманово, потврдуваат од второстепениот суд за порталот МКД.
Како што објави поратлот, одлуката е донесена по три месеци откако беше одржана јавна седница на која се разгледуваа жалбите на првостепената одлука која ја донесе судијката Верка Петковска. Со потврдувањето на одлуката од второстепениот суд пресудата е правосилна.
Петочлениот совет судии од второстепениот суд донесе одлука да ја потврди во целост одлуката на судијката Петковска од Основниот кривичен суд.
Основниот суд Скопје 1 на 2-ри ноември 2017 година изрече седум доживотни затворски казни за обвинетите од Диво Насеље, на 13 обвинети им изрече единствена затворска казна во траење од 40 години, шестмина се осудени на затвор од 20 години, еден обвинет доби 18 години затвор, двајца затвор од 14 години, двајца 13 години, а четворица поради немање докази се ослободени од обвиненијата.