Бразил ќе се повлече од Глобалниот пакт на ОН за миграцијата, кој беше одобрен вчера во Мароко, веднаш откако новоизбраниот претседател Жаир Болсонаро ќе стапи на должност на 1 јануари.

Ова го соопшти неговиот иден министер за надворешни работи Ернесто Араужо.

– Владата на Болсонаро ќе се повлече од Глобалниот пакт за миграцијата, кој беше усвоен во Маракеш, напиша на Твитер Ернесто Араужо, идниот министер за надворешни работи на ултрадесничарот Болсонаро.

– Миграцијата е добредојдена, но не треба да биде недискриминирана. Мора да постојат критериуми за да се осигури безбедноста на мигрантите и на граѓаните во земјата на дестинација. Миграцијата мора да биде во служба на националните интереси и на кохезијата на секое општество, додаде тој.

Глобалниот договор на ОН за миграција вчера беше официјално одобрен на Меѓувладината конференција во Маракеш, Мароко,  кој потоа го усвоија 164 земји со акламација.