Навистина е трагично со каков курс и знаење се управуваат финансиите на Република Македонија. Пред само шест месеци од истата оваа говорница, апелиравме, најавувавме, предупредувавме дека Буџетот за 2022 година кој го предложи и донесе Владата е тотално неразвоен и за жал, луксузирачки за власта, а воопшто не е од корист за граѓаните стопанството и државата.
Ова на денешната прес-конференција го истакна портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Димче Арсовски. Текстот од прес-конференцијата го објавуваме интегрално:
Она што е уште потрагично е што истиот економски тим што го носеше Буџетот и тогаш пред само 6 месеци, го крои и ребалансот на истиот Буџет сега. Со нивната ароганција и самоувереност тогаш не убедуваа дека тогашниот предложен Буџет е најразвојниот и ќе ги санира сите проблеми, а гледајќи го сегашниот ребаланс, кој што треба да се дебатира во Собрание и да се гласа, сите ќе се согласиме дека Владата на чело со Ковачевски и Бесими ги лажела граѓаните и стопанството и ги потврдија нашите тврдења дека целиот проектиран Буџет за 2022 година им е промашен.
Да потенцираме и да предупредиме неколку важни работи за новиот ребаланс на Буџет.
Навистина е нејасно и навистина е срамно, како во ек на економска криза која ја зафати светот и кога знаеле целата Влада дека ќе има криза, тие испланирале стотици уште минатата година кога се носеше Буџетот за целата 2022 година, испланирале милиони евра непродуктивни трошоци, кои сега наводно ќе ги кратат. Верувам дека и во иднина нив поважен ќе им е луксузот, како што им беше поважен во планирањето на годишниот буџет, така ќе биде и сега. Наместо на самиот почеток кога се планирал годишниот Буџет тие средства да бидат искористени, практично непродуктивните трошоци кои гледаме дека се огромна бројка стотици милиони евра, наместо да бидат искористени за стабилизација на економијата и стопанството во пресрет на кризата која гледаме дека нема да заврши набрзо и истите да влијаат во заштита на стандардот на граѓаните, тие испланирале стотици милиони евра за непродуктивни трошоци. Практично уште повеќе да ја заглават економијата и да ја потонат.
Самото ова кратење сега е задоцнето и носи ненадоместливи штети. Вистинските непродуктивни трошоци лежат во одржувањето веб страни на министерство за политички систем, во ставката за перење на коли на одредени министерства кои се и тоа како големи, за пиењето и плаќање над 1200 кафиња дневно во Влада, изградба на милионски згради на институции токму сега на институции кои можат да почекаат подобри времиња итн итн. Ова се вистинските непродуктивни трошоци.
Она што е многу важно е што капиталните расходи во периодот јануари – април во 2022 година се само 100 милиони евра или 16,3% или ако гледаме од годишното проектирање од идеалните проектирани 33% за една третина од година, имајќи предвид дека е помината третина од годината, ова е половина реализација од идеално проектираните за една третина од годината. 16,3% е навистина ниска стапка за капитални инвестиции. Тоа покажува дека не работат ништо, дека на полето на инвестиции се деструктивни, дека немаат план и дека за џабе ги трошат народните пари за да земаат плати во владата.
Капитални инвестиции нема тоа го гледаме сите, не само оваа година тоа се сите претходни години наназад додека владее СДСМ, парите се потрошени, задолжувањето секојдневно расте, долгот се зголемува, што значи, со еден збор, парите на граѓаните се крадат. Оваа влада ги краде парите на граѓаните.
Инфлацијата веќе е двоцифрена, стапката на сиромаштија кај граѓаните е над 35%, тоа е повеќе од 1/3 од граѓаните да живеат во сиромаштија во Македонија и тоа власта го знае и тоа воопшто не и е гајле, нејзе единствено и е важен нејзиниот луксуз и да ги полнат нивните џебови.
Јавниот долг се ближи кон 8 милијарди евра, секојдневно гледаме преголеми задолжувања што не може да ги издржи нашата економија. Генерации наши деца ќе отплаќаат долгови на СДСМ заради нивното недомаќинско и раскалашено работење.
Проектираат намалување на планираниот раст на БДП за 25%, а голема е веројатноста да не го остварат и тој, што уште еднаш покажуваат дека се безидејни и дека не знаат всушност што работат и како да работат.
Жалосно е што се уште вештачки предвидуваат и пумпаат очекувања за реализација на патот Гостивар – Кичево, а не можат да изградат ниту 1 метар од автопатот Кичево – Охрид, навистина е смешно, навистина е трагични. Не можат да го доизградат ниту патот до Блаце, а веќе планираат за изградба за патот Гостивар – Кичево.
Се во оваа Влада е вештачко. Дури ниту тие самите не се сигурни во себе и не знаат што прават и што ќе прават. Сето ова е купи ден, продади политика, која ја наследија од Зоран Заев и успешно продолжуваат да ја спроведуваат и да ја надградуваат. Ништо ново, ништо корисно. Сето ова е трасирање на патот кон банкротот, каде што не мислат за идните генерации дека ќе ги заглават и дека некој ова ќе треба да го санира и да го отплаќа.
Сега повторно предупредуваме, кризата во Република Македонија со ваквата безидејност, со ваквата неспособност, само повеќе ќе се продлабочи со овие необмислени потези и безидејноста на економскиот тим на Владата, само повеќе ќе трпат штети граѓаните и стопанството. Затоа се потребни избори и нова подготвена Влада да ги врати работите во нормала.